Нов удар за Барса – Пике пред долга пауза

Роналд Куман не може да крене глава од проблеми, не само поради слабите резултати, туку и повредите на клучните фудбалери оваа сезона. Ансу Фати заработи тешка повреда пред репрезентативната пауза, а на синоќешното дерби со Атлетико Мадрид се повреди и Жерар Пике. Искусниот дефанзивец настрада откако Анхел Кореа загуби рамнотежа и му падна директно врз коленото, по што Пике веднаш мораше да биде заменет.

Првите прогнози велеа дека сезоната е завршена за Пике, но по првичните прегледи каталонскиот весник „Ел Мундо Депортиво“ објави дека сепак станува збор само за истегнување на лигаментите во коленото, не и кинење на истите. Според типот на повредаста, се очекува Пике да отсуствува до два месеци од терените и својот камбек да го има во текот на јануари 2021.

Ова е огромна главоболка за Куман ако се земе во предвид недостигот на дефанзивци со оглед на фактот дека и Умтити и Араухо исто така се повредени. Поради ова преостанатите триесет минути од дербито со Атлетико како централен дефанзивец ги одигра Де Јонг, а останува да се види за каква варијанта ќе се реши стратегот на Барса на претстојниот меч од ЛШ против Динамо Киев.

Се вчитува...