Нов успех: Никола Ѓоргиев со титула се збогува од Љубљана и од Словенија

Никола Ѓоргиев ја продолжи жетвата на трофеи во словенечкиот шампионат откако најдобриот македонски одбојкар денеска се закити со нова шампионска титула со тимот на АЦХ Волеј Љубљана.

Неговиот тим за противник во финалната серија од имаше составот на Калцит Волеј, успевајќи да триумфира со максимални 3-0 во победи. Во вечерашниот последен меч Љубљана на домашен терен славеше со 3-2 во сетови, со „метла за противникот“ стигнувајќи до нов шампионски трофеј. Ѓоргиев заработи повреда на вториот меч од оваа финална серија, вечерва беше во составот, но не се појави на теренот, а соиграчите и без помошта на Македонецот (кој воедно е и капитен на Љубљана) успеаја да слават над незгодниот противник.

Ова воедно значи и триумфално збогување на Никола Ѓоргиев од АЦХ Љубљана, ако се знае дека договорот на најдобриот македонски одбојкар истекува на крајот од сезонава, нашиот капитен веќе разгледува опции за уште еден предизвик во својата фантастична кариера. Откако освои се што можеше да се освои со овој словенечки тим, 35-годишниот Ѓоргиев е подготвен за нов клупски ангажман. А во меѓувреме, капитенот ќе има и долго лето со македонската репрезентација, со настапот во Златната Европска лига што почнува следниот месец, а потоа и во квалификациите за Европското Првенство.

Се вчитува...