Нова европска бајка на Еурофарм Пелистер – Спортинг изгоре во „битолскиот пекол“

Еурофарм Пелистер одигра уште еден извонреден европски дуел, декласирајќи го Спортинг Лисабон со 31-25 и искачувајќи се на второто место во групата, за речиси сигурен пласман во нокаут фазата од Лигата на Европа. За битолчани ова беше петти меч во низа без пораз (четири победи и едно реми), покажувајќи дека се поквалитетен ривал од португалскиот состав откако испуштија можност да го совладаат Спортинг во Лисабон. Вечерва во салата „Боро Чурлевски“, бодрени од своите верни навивачи, битолските ракометари одиграа извонреден дуел во кој апсолутно ги заслужија бодовите.

Еурофарм Пелистер од самиот почеток наметна извонредно темпо во нападот, во 6. минута поведувајќи со 5-2 предводен од одличниот Периќ и неговите три погодоци. Иако бодрени од гласните навивачи, битолчани потоа влегоа во криза, а гостите го искористија тоа израмнувајќи на 5-5 по десет минути игра на овој натпревар. Избраниците на Бабиќ цели десет минути беа без постигнат погодок, гостите поведоа и со 5-8 пред Бабиќ конечно да го побара првиот тајмаут на натпреварот.

Долгиот „пост“ конечно беше прекинат со голот што од бековската позиција го постигна Матео Мараш. Во ритам влезе и Мандалиниќ, па разликата на гостинскиот состав експресно беше намалена на еден гол (7-8, 10-11). Тренерот на Спортинг побара тајмаут при водство на неговиот тим од 11-13, но одбраната на „пелистерци“ на чело со одличниот Секељи делуваше непробојно, па со голот на Велковски пред самиот крај на полувремето македонскиот претставник замина на одмор со минимално водство од 14-13.

Еуфоричниот финиш од првото полувреме се продолжи и на стартот од вториот дел, во кој „пелистерци“ набрзина поведоа со три гола предност (18-15). Периќ беше извонреден во овој период од мечот, па Еурофарм Пелистер за првпат стигна и до „плус четири“ (21-17). Секељи беше одличен на голот, па со новиот проектил на Мандалиниќ македонскиот вицепрвак стигна и до водство од пет гола (23-18). Кукоски заработи исклучување, Спортинг постигна само еден гол, а Бабиќ веднаш побара тајмаут за да не дозволи долг „пост“ како оној во првото полувреме.

Велковски подели две важни асистенции во ситуација кога Еурофарм беше со играч помалку на теренот, „пелистерци“ ја задржаа убедливата предност, за по комплетирањето Мандалиниќ од пенал да го погоди за најубедливи „плус шест“ (26-20). Предноста беше рутински задржана до самиот крај и конечните 31-25, резултат со кој „пелистерци“ сега имаат осум бода, еден помалку од лидерот Ним и еден повеќе во однос на третопласираниот Спортинг.

Периќ беше главна фигура на овој меч со седум гола без промашување и неколку асистенции и изнудени пенали, седум погодоци постигна и Мандалиниќ, а по четири пати прецизни беа Граџан и Табоада. Шекељи го заврши мечот со вкупно десет интервенции, а треба да се истакне дека гостинските голмани во второто полувреме имаа само една единствена одбрана, и тоа во последната минута кога победникот веќе беше решен.

Се вчитува...