Нова казна: Евролигата без милост за Јанакопулос

Веќе стана навика Димитрис Јанакопулос да дивее по секој пораз на Панатинаикос, по што автоматски следи и нова санкција од страна на Евролигата кон првиот човек на Панатинаикос.

Исклучок не беше ниту вчерашното полуфинале против Фенербахче за време на кое Јанакопулос им покажуваше среден прст на навивачите на Олимпијакос, а по мечот влезе и во директен конфликт со судиите, обвинувајќи ги дека се главни виновници за неуспехот на неговиот тим.

Не се чекаше многу на реакцијата од Евролигата, па така денеска беше објавено дека Јанакопулос е казнет со 10.000 евра, но и со забрана за влез во салата на следните пет евролигашки средби на „зелените“. Тој нема да смее да го следи во живо утрешниот дуел за третото место со Олимпијакос, како и првите четири рунди од наредната натпреварувачка сезона.

Тренерот на Панатинаикос, Ергин Атаман, е казнет исто така со 10.000 евра, а Панатинаикос како клуб ќе плати дополнителни 7.000 евра за навредливото навивање на грчките фанови во арената во Абу Даби.

Се вчитува...