Новајлијата Чаир го шокираше Еуро Никел

Кошаркарите на Чаир 2030 приредија вистинска сензација во домашниот кошаркарски шампионат откако во натпревар од 3. коло славеа на домашен терен против Еуро Никел со 74-73.

Гостите од Кавадарци подобро го отворија натпреварот и по десет минути игра имаа предност од пет поени (16-21). Новајлијата во елитата одигра неверојатна втора четвртина што им донесе предност од четири поени на паузата (38-34).

Третиот период помина во израмнета игра на двете страни, па резултатот по 30 минути изнесуваше (57-55). Во последниот период продолжи израмнетата игра на двете страни. Гостите иако имаа негатива на две минути до крајот на мечот успеаја да стигнат до израмнување 70-70. Во неизвесниот и тензичен финиш подобро се снајдоа домаќините за конечен триумф од 74-73.

Американскиот двоец Мохамед и Френклин постигна 24 односно 23 поени во победничкиот табор, додека кај поразените Кирил Николовски заврши со 19 поени.

Се вчитува...