Поминаа повеќе од два месеци од исчезнувањето и падот на авионот на фудбалерот на Кардиф, Емилијано Сала, но и натаму се крајно нејасни околностите кои доведоа до трагедијата.
Аргентинецот загина во несреќата на авионот при враќање од Нант за Кардиф каде требаше да ја продолжи својата кариера. По неколкудневни потраги неговото тело беше пронајдено на 67 метри длабочина под површината на морето, а пилотот и натаму се води како исчезната личност.
И додека се чека Агенцијата за цивилно воздухопловство на Велика Британија да го објави комплетниот извештај за несреќата во јавноста веќе се појавуваат нови шокантни детали. Последните се однесуваат токму на 59-годишниот пилот Дејвид Иботсон за кого се тврди дека бил далтониста поради што воопшто немал дозвола за летање во ноќен период.
Иако знаел дека не смее ноќта да управува со авионот во кој бил Сала, прифатил да биде пилотот кој ќе го пренесе од Нант до Кардиф иако било утврдено со авионот да управува Дејв Хендерсон. Според англиските медиуми, Иботсон прифатил да лета затоа што сакал да заработи поради огромните долгови во кои се нашол. Токму фактот дека бил далтонист пресудил, според неофицијалните информации, да биде тотално дезориентиран за време на летот. Веќе се шпекулира дека единствено грешката на пилотот е причината за несреќата во која загина аргентинскиот напаѓач Емилијано Сала.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА