Нови лоши вести за Ангеловски: И Адеми со повреда, неизвесен и Несторовски!

Со сериозни проблеми се соочува селекторот на македонската репрезентација Игор Ангеловски околу „склопувањето“ на списокот за престојните два јунски квалификациски натпревари против Полска и против Австрија кои не очекуваат во Скопје.

Покрај веќе јасното откажување на Езгијан Алиоски, Стефан Спировски и Иван Тричковски кои поради повреди и дефинитивно нема да бидат на располагање, веќе под сериозен знак прашалник се и Илија Несторовски, Дарко Велковски но, сега веќе и капитенот на Динамо Загреб, Аријан Адеми.

Адеми, како што пренесуваат хрватските медиуми, ги пропушти последните натпревари за „модрите“ поради повреда и е надвор од тренажен процес. Деновиве го очекуваат детални лекарски прегледи по што и дефинитивно ќе се знае дали ќе може да одговори на јунскиот повик.

Сосема слична е ситуацијата и со Несторовски, кој е надвор од тимот на Палермо. И Несторовски оваа недела го очекува дефинитивниот лекарски одговор околу тоа колку ќе отсуствува од терените.

Нешто подобра е ситуацијата со централниот дефанзивец на Ријека, Дарко Велковски кој не настапува за хрватскиот прволигаш но е во полн тренажен процес, па на крајот се очекува да биде во Скопје следниот месец и да биде во комбинација за настап против Полска и против Австрија.

Македонија има одличен старт на квалификациите за ЕП 2020 со триумф против Летонија (3-1) на домашен терен и реми (1-1) против Словенија од Љубљана.

Се вчитува...