Фудбалската федерација на Швајцарија (СФВ) ја повлече поддршката за Џани Инфантино во трката за нов мандат на чело на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Иако во јуни годинава СФВ најави дека ќе го поддржи Инфантино, централниот одбор на Федерацијата на седницата по анализата на најновите случувања во ФИФА, го промени ставот.
СФВ објасни дека многу потези во ФИФА во последниот период отвораат многу прашања за тоа транспарентноста, начинот на водење на ФИФА и на начинот на носење одлуки.
„Чекорите кои ФИФА ги најави во писмото од 21 септември се важен сигнал и можат да донесат многу подобрувања во организацијата. Но, во исто време, остануваат отворени клучните прашања поврзани со одговорноста и процесот на носење одлуки во ФИФА. Бидејќи тие не се добро објаснети, не можеме да ја оправдаме поддршката за кандидатурата на Џани Инфантино“, изјави претседателот на СФВ, Петер Кнабел.
Одлуката на СФВ има дополнителна тежина бидејќи Инфантино е роден токму во Швајцарија и со години се сметаше за еден од највлијателните спортски функционери во земјата.
Изборите за претседател на ФИФА се закажани за март идната година и засега актуелниот претседател, Џани Инфантино, е единствен кандидат, но се очекува УЕФА наскоро да излезе со свој кандидат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
