„Новиот Хрват“ прв пат слушнал за Хрватска кога го побарале за пасош

Долго време во хрватската кошаркарска јавност се дебатираше за натурализиција на кошаркар. Доскорешното раководство на чело со Стојко Вранковиќ и Дино Раџа се противеше и овој потег го карактеризираше како „мамење“, но откако легендарните кошаркари беа заменети поради катастрофални резултати веднаш му беше доделен пасош на Џејлен Смит.

Кошаркарот на Алба Берлин го пополни недостатокот на бековската позиција за Евробаскетот, но и покрај тоа што во просек постигнуваше 11 поени, 2.6 скока и 4.8 асистенции во групната фаза, се чини дека „коцкестите“ подобро се снаоѓаат кога на теренот е Доминик Мавра.

Најдобриот натпревар бекот го одигра против Грција кога во поразот запиша 26 поени (5/7 за три), 5 скока и 4 асистенции, но потоа потфрли во продолжението, а со тоа падна и неговата минутажа на некои 22 минути.

Тоа донесе нова можност за дебата во поранешната југословенска држава, а на противниците на овој тренд сега ќе им биде и во прилог последната изјава на „новиот Хрват“ кој вели дека за оваа држава прв пат слушнал кога бил контактиран за настап.

„Кога една држава сака да бидеш дел од неа зошто да не ја искористиш можноста? Не ни знаев каде се наоѓа Хрватска, прв пат дознав кога стапнав во оваа држава“, изјави Смит.

Се вчитува...