Флорентино Перез е решен да состави дрим-тим од Реал Мадрид за годините што следат. „Кралевите“ и сезонава играат доминантно, ја осигураа титулата во Ла Лига, а се наоѓаат и во полуфиналето од Лигата на шампионите, но нивниот претседател не застанува со плановите за уште посилен тим во годините што следат.
Веќе е договорено доаѓањето на Килијан Мбапе за кое се чека само официјализација, а во завршна фаза се и преговорите со Баерн Минхен за левиот бек Афонсо Дејвис.
Флорентино не запира тука, па претседателот на Реал Мадрид планира конкретни чекори и за сезоната 2025/26. Веќе е најавено дека Анчелоти по истекот на договорот ќе си замине од „Сантијаго Бернабеу“, а извесно е дека на негово место ќе пристигне Чаби Алонсо. Шпанецот направи чудо како тренер на Баер Леверкузен, реши летово да не ги менува клупските бои, но во јуни 2025 истекува неговиот договор со Баер, исто како и оној на Анчелоти со Реал, па Перез планира што поскоро да го осигура потписот и да го реши тренерското прашање за подолг период.
Покрај Алонсо, во Мадрид од Леверкузен би пристигнал и најдобриот фудбалер на Баер, Флоријан Вирц. Германскиот офанзивец игра брилијантно сезонава, исто како и Чаби покажа лојалност и ги одби сите понуди во пресрет на летниот преоден рок, но ситуацијата ќе биде поинаква следното лето. Тогаш тој ќе биде на една година пред истек на договорот, а можноста да продолжи со соработката со Алонсо ќе биде значаен фактор во неговото одлучување. Како што јавува весникот „Билд“, Вирц е свесен за интересот на Реал и искажал подготвеност за преселба следното лето, откако најпрвин во следната сезона ќе ги брани боите на Баер во Лигата на Шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА