Новиот Мекејлеб – Американец со НБА-искуство ќе ја предводи Македонија

Американскиот кошаркар Јоги Ферел е изборот на раководството на КФСМ за нов натурализиран кошаркар што во иднина ќе го носи дресот на македонската репрезентација. Во последните години трендот беше странците да бидат носени на центарските позиции (Хендрикс, Вајли, Витингтон), но тоа ќе се промени откако стана јасно дека организацијата на нападот е сериозен проблем, а честото неиграње на Димитријевиќ од најразлични причини ги натера челниците на федерацијата да ангажираат нов плејмејкер како натурализиран играч.

Селекторот Бајиќ во текот на вчерашната прес-конференција изјави дека според него репрезентацијата би била 30% посилна доколку има американски плејмејкер, но од „куќата на кошарката“ веќе извесно време наназад преговараат за ангажман на Ферел, со кого нема сомнеж дека нашиот напад би бил многу посилен.

Станува збор за играч со богато НБА-искуство, кој ги има брането боите на Далас, Сакраменто, Кливленд и ЛА клиперс во најсилната лига во светот. Во Европа пристигна во 2021 година како член на Панатинаикос, по што се пресели во Цедевита Олимпија, тим за кој сезонава прикажа одлични игри во АБА-лигата и во Еврокупот.

Разговорите со Американецот се влезени во завршна фаза и тој е подготвен да го облече дресот на Македонија, но останува да се види дали целата процедура ќе биде завршена навреме за тој од август да му се стави на располагање на селекторот, од самиот старт на претквалификациите за Евробаскет 2025.

Се вчитува...