„Новиот Пирло“ го откачи Пирло, оди во Интер

Андреа Пирло го доживеа првиот „пораз“ како тренер на Јувентус, откако не успеа во намерата да го доведе Сандро Тонали во таборот на „старата дама“, губејќи ја трката од лутиот ривал Интер. „Нероаѕурите“ долго време преговараа со плејмејкерот на Бреша, но по именувањето на Пирло за нов тренер на Јуве и „црно-белите“ од Торино се вклучија во оваа трка.

Тонали, кој во Италија го има прекарот „новиот Пирло“ стана еден од приоритетите на Јуве во овој преоден рок, но младиот плејмејкер на крајот сепак ја прифати понудата на Интер. Весникот „Кориере дело спорт“ на насловната страница објави дека е постигнат целосен договор, а комплетирањето на трансферот се очекува по завршувањето на настапот на Интер во Лигата на Европа. Тонали ќе потпише петгодишен договор за плата од 3,5 милиони евра по сезона, плус богати бонуси.

Со ова, „нероаѕурите“ го продолжуваат трендот на ангажман на суперталентирани италијански фудбалери, откако во минатите сезони ги доведоа Сенси и Барела, а сега успеаја во намерата да го ангажираат и Тонали.

Се вчитува...