Ливерпул е фаворит во трката по новата ѕвезда на бразилскиот фудбал, Луан, кој летово ќе си замине од Гремио и ќе се пресели во Европа. Договорот на овој фудбалер, кој во татковината го доби прекарот „новиот Роналдињо“, истекува во јуни 2018 година, па челниците на бразилскиот клуб се свесни дека летово ќе мораат да го продадат за да не ризикуваат тој следното лето да си замине без никаква отштета.
Весникот „Мирор“ јавува дека претставници на Гремио минатиот месец дошле во Лондон и разговарале со дел од заинтересираните клубови, а најблизу до договор во моментов делува Ливерпул. Присуството на Кутињо и Фирмино е значаен фактор за да се убеди Луан да ја зголеми бразилската колонија на „Енфилд“, а воедно и „црвените“ се подготвени да платат 30 милиони фунти (25 милиони при потпис и уште пет преку различни клаузули), сума што Гремио ја побарал во разговорите.
Луан, кој одлично се снаоѓа на неколку позиции во навалната линија, блесна на последните Олимписки Игри во Рио де Жанеиро, каде беше меѓу најзаслужните за златниот медал заедно со Нејмар и со новата ѕвезда на Манчестер сити, Габриел Хесус. Тој постигна значајни голови и во четвртфиналето и во полуфиналето, а потоа беше прецизен и во пенал-рулетот во финалето со Германија. Веднаш по ОИ неколку европски клубови се обидоа да го доведат Луан во своите редови, Гремио тогаш ги одби понудите, но сега бразилскиот клуб е принуден да преговара за сумата и да даде зелено светло за негово заминување од татковината.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА