Ново големо признание за македонскиот репрезентативец: Ти-Џеј Шортс е МВП на Лигата на шампионите (ФОТО)

Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс го доби најголемото индивидуално признание во кошаркарската Лига на шампиони. Шортс е прогласен за МВП на сезоната, признание кое го доби на специјална церемонија одржана денеска во концертната сала „Марија Кристина“ во Малага.

За сите добри познавачи на кошарката сосема очекувано е оваа нова индивидуална титула за Шортс ако се знае дека во текот на сезоната во дресот на Телеком Бон беше најдобар стрелец и играч со највисок индекс во Лигата на шампионите.

„Ова е едно прекрасно патување, вистински ролеркостер од емоции. Благодарен сум на сите кои ме поддржуваа и се надевам на добар натпревар против Хапоел во финалето“ – истакна Шортс, кого го очекува финалето на Ф4 во Лигата на шампионите кое се игра во Малага.

Македонскиот репрезентативец досега просечно постигнуваше по 18,9 поени, 7,1 асистенции и 3,8 скока сезонава, а во вчерашното полуфинале против Уникаха беше најефикасен со 21 поен. Се очекува Шортс да биде прогласен и за МВП на завршниот турнир, ако неговиот Телеком Бон ја освои титулата.

Се вчитува...