Њу Ингланд владее во НФЛ!

Њу Ингланд е новиот шампион на НФЛ-лигата откако во вечерашното издание на Супербоул „патриотите“ во голема битка го совладаа тимот на Лос Анџелес рамс со 13-3. Со ова, тимот предводен од Беличек и Брејди ја продолжи својата доминација во НФЛ, стигнувајќи до шестата заедничка круна, со што Њу Ингланд се израмни со Питсбург како најтрофеен клуб во историјата на американскиот фудбал. Оставајќи го зад себе ланскиот разочарувачки пораз од Филаделфија, Брејди и соиграчите одиграа одлично финале и на крајот заслужено се израдуваа на вториот пехар во последните три години од НФЛ-лигата.

Од самиот почеток стана јасно дека одбраните ќе го имаат главниот збор во ова финале. Том Брејди имаше пресечено додавање во првиот напад на „патриотите“, во следниот напад Њу Ингланд не погоди шут од поле, додека Лос Анџелес се мачеше во нападот, не успевајќи да стори ништо повеќе во седумте напади што ги имаше во првото полувреме.

На одмор се замина со минимална предност на Њу Ингланд од 3-0, а Лос Анџелес израмни со шут од над 50 јарди, а овие 3-3 воедно се и најнеефикасен резултат по три четвртини игра во историјата на Супербоул-натпреварите. Кога беше најважно, работите во своите раце ги презедоа Брејди и Гронквски, маестрално водејќи го нападот на Њу Ингланд, пред Сони Мичел да ги истрча клучните два јарди за првиот тачдаун во ова финале.

ЛА Рамс имаа шанса да израмнат, опасно се приближија, но потоа во клучните моменти додавањето на Гоф беше пресечено од страна на Гилмор на два јарди од тачдаун-зоната, за печат на победата на „патриотите“. Крај на сите надежи на Лос Анџелес стави Гостовски со прецизен шут од 41 јард, за конечни 13-3 во ова финале.

Се вчитува...