Кошаркарите на Кливленд и Голден стејт доживеаја нови порази на почетокот од сезоната 2017/18 во НБА лигата.
Екипата на Тајрон Лу игра очајно во првите неколку кола, па затоа и не чуди скорот од три порази од четири дуели, и најновиот пораз од можеби најлошата екипа на Истокот, Њујорк никс кои славеа против Кливленд со 114-95. Кристапс Порзингис и Тим Хардавеј јуниор беа предводници во победата. Летонецот мечот го заврши со 32 поени и 12 скока, додека Хардавеј постигна 34 поени, дополнети и со осум асистенции.
Во редовите на вицешампионот, Кевин Лав запиша 22 поени, со 11 скока, а Леброн Џејмс имаше 16 поени и 10 скока.
Ништо подобра кошарка од Кливленд не игра и Голден стејт. Тимот на Стив Кер го доживеа дури третиот пораз од седум одиграни меча. Сега загубија од Детроит со 115-107. Гостите до триумфот беа предводени од Ејвери Бредли со 23 поени, Реџи Џексон постигна 22 поени а Тобајас Херис – 16 поени.
Кај Вориорс, Томпсон уфрли 29 поени, Дурант – 28 поени а Кари – 27 поени.
Втор пораз сезонава доживеа Сан Антонио кој на гостувањето од Индијана загуби со 97-94. На десет секунди пред крајот, одлучувачка тројка постигна Виктор Оладипо за водство на Пејсерси од 95-94. Оладипо беше и најефикасен во победничкиот тим со 23 поени.
Милвоки предводен од Јанис Антетокуомпо кој запиша 33 поени, плус и 11 скока, славеше против Атланта со 117-106, за која Шрудер постигна 21 поен.
Победа во синоќешните дуели запишаа и Шарлот за кој брилјираа Двајт Хауард и одличниот Кемба Вокер. Шарлот го совлада Орландо со 120-113, а Вокер постигна 34 поени, додека Хауард имаше „дабл-дабл“ од 22 поени и 10 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА