„Њујорк тајмс“ ја открива тајната за газдата на Милан

Примениот гол од голманот на Беневенто е најмалиот во лавината проблеми на Милан, откако се погласни стануваат најавите дека „росонерите“ ќе заработат суспензија од УЕФА поради сомнителното потекло на парите на нивниот газда, Кинезот Ли Јонгхонг, кој ја презеде контролата над клубот од Силвио Берлускони. Весникот „Њујорк тајмс“ објави истражувачка сторија чии сознанија се уште позагрижувачкки за фановите на „росонерите“.

Новите газди потрошија над 200 милиони евра на нови фудбалери, а УЕФА во првичната контрола утврди низа нерегуларности. Беше побарано објаснување од клупските директори, но и тие немаа премногу аргументи пред телата на УЕФА, оставајќи голем простор за суспензија.

„Њујорк тајмс“ во своето истражување го следеше капиталот на „Спорт инвестмент лукс“, компанијата што го презеде Милан за сума од 740 милиони евра, а што е ќерка компанија на „Гвижу Фукан груп“. Она што е изненадувачки е што наводниот газда, Ли Јонгхонг, воопшто не фигурира меѓу водечките луѓе на компанијата, а згора на лицата од  „Гвижу Фукан груп“ контактирани од страна на американскиот весник воопшто немале ни чуено за човекот што се претставува како прв човек на Милан.

Во натамошното истражување новинарите откриле дека рудниците за фосфати (примарна дејност на компанијата), всушност се сопственот на таинствениот конгломерат „Гвандонг Лион Асет менаџмент“, чии односи со Ли се сомнителни. Имено, оваа компанија во последните неколку месеци променила четири сопственици, од кои две преземања биле бесплатни, а просториите во Хонг Конг биле испразнети поради неплатени трошоци.

Во УЕФА постојат сериозни докази против Милан за нарушување на финансискиот ферплеј, на овој клуб може да му биде изречена и забрана за купување на играчи во најмалку еден преоден рок, но уште поголем проблем е „сивилото“ околу сопственичката структура, што наместо да го приближи Милан кон врвот може да го врати два чекори наназад, кон просечноста на италијанската фудбалска сцена.

Се вчитува...