Њукасл, конечно, договори ново засилување

Њукасл по долга потрага конечно договори и втор јануарски трансфер по оној на Киран Трипие од Атлетико Мадрид. Доцна синоќа беа договорени сите детали околу доаѓањето на Бруно Гимараеш, бразилскиот репрезентативец кој ќе ги засили „црно-белите“ од редовите на Лион.

Станува збор за играч од средниот ред кој беше меѓу најдобрите во таборот на Лион во последните години, но понудата на Њукасл беше предобра за да биде одбиена од францускиот клуб. Имено, од првиот обид од 28 милиони фунти, Њукасл ја крена понудата на огромни 52 милиони фунти (42 при потпис, десет милиони преку клаузули), за да го осигура трансферот на фудбалерот кој сигурно ќе биде значаен адут во борбата за опстанок.

Гимараеш беше резерва на синоќешниот дуел од квалификациите за СП меѓу Еквадор и Бразил. Тој денеска треба да ги мине лекарските прегледи закажани во Бело Хоризонте, по што ќе следи и потписот на четиригодишниот договор со англискиот премиерлигаш.

Се вчитува...