Обамејанг со отказ од Челси ќе го плати славјето во соблекувалната на Барса?

Габонскиот фудбалер Пјер-Емерик Обамејанг веројатно скапо ќе го плати славјето на победата на Барселона на „Ел Класико“ против Реал Мадрид. Како што најавуваат англиските медиуми, Челси жестоко ќе го казни напаѓачот поради неговиот „испад“ и славењето во соблекувалната на „Каталонците“ по победата над Реал.

Се шпекулира дека не само парично, туку Челси би можел и да му врачи отказ на Обамејанг поради тој негов потег. Челси и онака сака да се збогува со него, откако не смета по тренерската смена и разделбата со Томас Тухел. Тој дури не беше ниту пријавен за натпреварите од Лигата на шампионите, а во Премиерлигата ретко кога добива шанса.

Обамејанг на лето сигурно заминува од Лондон, но може тоа да се случи да биде и порано, и тоа без никакво обесштетување, со оглед дека Челси може да го обвини за кршење на клупската дисциплина и така бесплатно да се ослободи од него.

Обамејанг дојде во Челси на почетокот на сезоната од Барселона, но јасно е дека целта му е да се врати во таборот на „Каталонците“.

Се вчитува...