Обрадовиќ од Металург се сели во Висла Плоцк

Бекот на Металург, Немања Обрадовиќ, од наредната сезона се сели во полскиот тим Висла Плоцк. Во изјавата за порталот „Балкан-хендбол“, српскиот бек, потврдува дека трансферот е договорен и со полскиот клуб ќе потпише договор на две години со можност за продолжување за уште една.

Имав понуди и од поголеми клубови од Висла, но се одлучив за овој потег бидејќи многу ми е битно да играм што повеќе, а во разговор со тренерот Пжибецки, заклучив дека ќе добијам шанса каква што посакувам. Сакам и понатаму постепено да ја подигам кариерата на повисоко ниво и затоа се одлучив да ја прифатам оваа понуда. Тренерот Лино Червар сака да останам, но имаше многу несогласувања со управата во преговорите околу продолжувањето на соработката, па се одлучив да ја сменам средината“ – вели 26-годишниот Немања Обрадовиќ.

Српскиот бек во Металург дојде пред почетокот на оваа сеозна од Металопластика, а претходно имаше кратка епизода во францускиот второлигаш Валанс.

Според неофицијалните информации, Обрадовиќ е во комбинација да добие македонски пасош и да настапува за македонската репрезентација. Пречка засега, е еден од условите на ИХФ според кој натурализиран играч за да настапува за репрезентацијата мора да има престој во земјата од најмалку две години. Несудениот македонски репрезентативец во Македонија е само половина сезона.

Се вчитува...