Очајниот Детроит на чекор од најлошата низа порази во историјата на НБА, Шај ја прекина низата победи на ЛА Клиперс (ВИДЕО)

Кошаркарите на Детроит го запишаа и 25-от едноподруго пораз во НБА лигата. На домашен терен загубија од Јута со 119-111.

Со тоа Детроит направи дополнителен чекор кон најлошата низа порази во историјата на лигата, а која во моментов ја имаат Филаделфија и Кливленд со 26 врзани неуспеси. Тоа се однесува на порази во една иста сезона, додека Филаделфија се апсолутни лидери со 28 порази во низа започната во сезоната 2014/15 а продолжена во следната.

За тоа колку е лоша ситуацијата во Детроит доказ се и скандирањата против сопственикот Том Грос на кого му е порачано да го продаде тимот. На тимот не му помогнаа ниту 28 поени, 10 асистенции и седум скока на Кејд Кенингем. Џордан Ајви заврши со 24 поени, седум асистенции и пет скока.

Јута до победата ја предводеше Кели Олинјук со 27 поени и шест скока. Колин Секстон дополни со 19 поени и осум асистенции.

Оклахома славеше против ЛА Клиперс со 134-115 за трета едноподруго победи, а прв пораз на Клиперс по девет едноподруго победи. Најрасположени во победата на Оклахома беа Шај Гилџус Александер со 31 поен и Чет Холмгрен со 23 поени.

Во останатите мечеви, Њу Орлеанс на гости славеше со 104-123 против Кливленд, Чикаго на домашен терен го победи Сан Антонио со 114-95, Мемфис беше подобра од Индијана со 116-103 а Минесота триумфираше против ЛА Лејкерс со 118-111.

Се вчитува...