Очајно полувреме: Вардар 15 минути не даде гол, со голема негатива на одмор против Пик Сегед

Вардар се наоѓа на прагот да го претрпи и петтиот пораз во низа во Лигата на Шампионите, откако македонскиот првак одигра катастрофално прво полувреме против Пик Сегед. Избраниците на Веселин Вујовиќ цели 15 минути не знаеја како да го совладаат голманот Миклер, а одличниот состав на Пик Сегед знаешекако да го искористи тоа и да си обезбеди одлична предност од 9-16 на заминување на одмор.

Вардар стигна до рано водство од 1-0, но гостите набрзина почнаа да го контролираат резултатот со три гола во 5. минута поведувајќи со 1-3. Ситуацијата уште повеќе се влоши откако унгарскиот тим поведе со 1-4, а Вардар остана со двајца играчи помалку по исклучувањата на Диало и на Кудуз. Немоќта на „црвено-црните“ продолжи, а по „постот“ од нецели десет минути без постигнат гол, Вујовиќ побара тајмаут при водство на гостите од 1-5.

Веднаш по тајмаутот следеше исклучување на Шоштариќ, но Вардар и со ракометар повеќе набрзина загуби две топки, по што Пик Сегед поведе со убедливи 1-7 по 13 минути игра во СЦ „Јане Сандански“. Серијата од неверојатни 15 минути без постигнат погодок ја прекина Гаџа со реализација за 2-8, хрватскиот бек продолжи со одлични потези и во наредните минути, помагајќи во 21. минута предноста на гостите да падне на четири гола, па тренерот Партор го зеде првиот тајмаут во 21. минута (5-9).

Во период кога „црвено-црните“ се стабилизираа Кевин Нијокас заработи исклучување по примен гол (6-11), по што Пик Сегед повторно влезе во ритам и на четири минути до крајот на полувремето поведе со шест гола (7-13). Немоќта во нападот на Вардар остана до крајот на полувремето, па гостите од Унгарија на одмор заминаа со огромни „плус седум“, предност со која се наоѓаат на прагот на нова победа.

Тимур Дибиров постигна четири (три од пенал), а Анте Гаџа три гола за Вардар, во катастрофалното полувреме кое уште еднаш  ја покажа немоќта на „црвено-црните“ кога против себе имаат тим од самиот врв на европскиот ракомет.

Се вчитува...