Од Египет до Египет – сите мундијалски настапи на Македонија

Македонските ракометари денеска против Шведска го играат премиерниот меч од светскиот шампионат во Египет, на кој „црвено-жолтите“ добија шанса да настапат во последен момент, по откажувањето на Чешка поради коронавирусот. Ова е седми настап на Македонија на ракометните мундијали, а во пресрет на дуелот со Швеѓаните, ви нудиме мало навраќање на досегашните шест настапи на македонската репрезентација на светските ракометни шампионати, од кои најдобар пласман на „црвено-жолтите“ е деветтото место освоено пред четири години во Катар.

Историјата почна да се пишува на Мундијалот во Египет пред точно 22 години, кога Македонија за првпат стана дел од елитното друштво на светскиот ракомет. Групната фаза не беше мината, но беше забележаната првата победа на Македонија на СП, над Саудиска Арабија со 28-21. На крајот, нашата репрезентација го освои 18. место на овој шампионат во „земјата на фараоните“.

На следниот мундијалски настап се чекаше се до 2009 година, на собирот на елитата во арените ширум Хрватска. Овој настап предизвика огромна еуфорија по извонредните игри и победите над Полска и Русија, со кои беше освоено второто место во групата и обезбеден пласман во втората рунда. Македонија на крајот го освои 11. Место на СП 2009, а историја беше испишана од страна на Кире Лазаров, кој со 92 гола стана најдобар стрелец на еден ракометен мундијал.

Македонија повторно беше дел од ракометно СП во 2013 година во Шпанија. Осминафиналето беше обезбедено со почетните победи над Чиле и Катар, по што следеа порази од Исланд и од Данска и реми со Русија. Во осминафиналето налетавме на Германија, дуел што се играше во Барселона и што Македонија го загуби со 28-23 и на крајот го освои 14. место од шампионатот.

Континуитетот беше одржан со пласманот на СП 2015 во Катар, каде македонските ракометари го остварија и најдобриот резултат. Во групната фаза беа остварени четири победи и еден пораз (од Хрватска). Следеше осминафинален дуел со Словенија, натпревар во кој среќата им го сврте грбот на нашите ракометари, па противникот славеше со 30-28. Одличните настапи во групата придонесоа Македонија да стигне до деветтото место, најдобара пласман на нашата селекција на ракометните мундијали.

Македонија учествуваше и на последното светско првенство што пред две години се одржа во Франција. Селекторот Червар се реши за промени во составот и ја оствари првата зацртана цел, освојувајќи го третото место во групата и обезбедувајќи пласман во осминафиналето. Сепак, повреди во групната фаза заработија Манасков и Миркуловски, без чија помош Македонија не успеа да и парира на Норвешка во осминафиналната пресметка во Албервил, губејќи ја осминафиналната пресметка со убедливи 34-24.

Последното светско првенство, на кое ко-домаќини беа Германија и Данска, донесе големо разочарување, откако „црвено-жолтите“ со Раул Гонзалес на клупата не успеаја да ја минат групната фаза во Минхен, губејќи го клучниот меч со Исланд. Следеше селидба на „Президент куп“ во Келн, каде по поразот од Русија нашата селекција го освои 15. место, а Гонзалес самиот се повлече од селекторската функција.

На ред е нов предизвик, со една значително подмладена селекција, но и променет формат на натпреварување со кој една победа носи пласман во следната фаза. Овој состав на „црвено-жолтите“ има квалитет за такво нешто, за потоа без притисок да се обиде да оствари што подобар плаасман.

Се вчитува...