Од Љубљана води патот кон ЕП: Словенечки тест за зрелоста на Македонија

ЕКИПА во Љубљана, 

Никола Ѓуровски

Ќе победиме еднаш, и веднаш сакаме на ЕП – македонска работа е тоа, секогаш така правиме и никогаш Европско во фудбал не сме ни помирисале. Но, „сега е наше време“, така велат и македонските репрезентативци кои чувствуваат дека оваа генерација може да направи историски чекор и да го исполни сонот на нацијата.

Ја победивме Летонија и сега со широко отворени крилја, Ангеловски, Пандев, Ристовски, Елмас, Алиоски и останатите долетаа во Љубљана. Противник е Словенија, цврста селекција со европски прагматизам, која некогаш лесно ја победувавме, но потоа, за разлика од нас, фати европски чекор и беше дел од големите натпреварувања.

По успесите во Лигата на нации, овие квалификации се и прв посериозен тест за фудбалската репрезентација на Македонија. И Стефан Ристовски погоди во центар, со ставот дека не треба премногу да се зборува (и да се пишува), туку треба да се одигра на теренот. Искуството од Спортинг Лисабон секако си го прави своето.

„Оваа генерација е зрела за големи работи. Имаме квалитет, најголем дел од фудбалерите играат во големи клубови и тоа се чувствува и во репрезентацијата. Треба само добро да сме фокусирани и сето тоа да го искористиме и насочиме во остварување на позитивни резултати. Дојдовме да се надигруваме и да победиме. Но, можеме да зборуваме два дена, а сепак најважно е да одиграме на теренот. Само фудбалското поле е вистинското мерило за квалитетот“, изјави Стефан Ристовски.

Капитенот Горан Пандев се надева дека со Македонија и по „стотката“ ќе продолжи да победува.

„Има голем потенцијал во оваа селекција, имаме иднина, сакаме да продолжиме победнички. Словенија е силен тим, ги респектираме, но и веруваме во нашите квалитети“, порача Пандев.

Мечот меѓу Словенија и Македонија ќе се одигра вечерва, со почеток во 20.45 часот, на стадионот „Стожице“ во Љубљана. За првпат ќе играме квалификациски меч против Словенците, а на пријателски водиме со 2-1 во победи.

Се вчитува...