Саутемптон се пласираше во финалето од плејофот за влез во Премиер-лигата, но „светците“ дефинитивно нема да го играат овој меч откако беа казнети од Фудбалската Асоцијација поради шпионирање на противниците.
Скандалот почна откако беше пријавен од Мидлсброу, по поразот на оваа екипа во полуфиналето со Саутемптон, по што беа објавени фотографии од член на стручниот штаб на Саутемптон како тајно го снима тренингот на противникот. Беше покрената истрага по која „светците“ го признаа делото, дополнително обелоденувајќи дека истото веќе го сториле уште два пати сезонава, против Оксфорд и Ипсвич.
ФА донесе одлука да го исклучи Саутемптон од финалето на плејофот, меч популарно наречен како „дуел за 100 милиони фунти“ (поради загарантираните приходи на тимовите кои влегуваат во Премиер-лигата).
„Светците“ испратија жалба, но доцна синоќа беше објавено дека таа е одбиена, Саутемптон неславно ја завршува сезонава, а згора на тоа следната сезона ќе ја стартува со минус четири бода.
Интересно, Хал во одделна постапка бараше ако Саутемптон биде казнет, Хал директно да оди во Премиер-лигата без да го игра финалето на плејофот. Сепак, тоа нема да се случи бидејќи конечната одлука на лигата е во „мечот за 100 милиони фунти“ да играат Хал и Мидлсброу, тимот што беше елиминиран од „светците“ во полуфиналето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА