Одбојкарите на Штип УГД останаа во игра за шампионската титула во Првата машка лига, откако ја запишаа првата победа во финалната серија, вечерва, пред својата публика со 3-0 (25-21, 25-23, 25-15) над бранителот на титулата Струмица 47&72.
Штипскиот состав со овој триумф намали на 1-2 во победи во серијата и јасно е дека новиот шампион ќе се решава најмалку во четири натпревари.

Тимот на Кристијан Ристески како да сфати дека нема веќе шанси за поправен во финалето на плеј-офот и целиот натпревар го одигра на високо ниво и константно ја имаше иницијативата. Струмичани во сите три сета беа во позиција да бркаат резултат, а шампионот беше далеку од изданието кое го имаше на претходните два дуели.
Главното оружје на Штип УГД беше силниот сервис (најдобра потврда за тоа е дека само во третиот сет имаа осум ас-сервиси) кој му создаваше големи проблеми на гостинскиот тим да ја организира играта. Предизвикувачот доминираше и на мрежата предводен од Задмард со 18, Арсов со 12 и Багаев со 10 поени, додека Стојанов покрај одличната организација на играта на својата екипа додаде и седум поени.

Во редовите на Струмица, Владо Милев се бореше да ја одржи екипата во ритам, но не можеше сам и успеја да освои само девет поени, додека Илиев имаше седум.
Четвртиот натпревар од финалната серија се игра в понеделник во Струмица, од 19 часот во салата „Парк“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА