Одбојкарите против Израел, на „последниот танц“ на Евроволеј 2026

Македонската одбојкарска репрезентација денеска со почеток во 15 часот ќе излезе на мегдан со Израел, во рамките од последното коло од групната фаза што нашата национална селекција ја игра во Софија.

Ефектот е далеку од посакуваниот, четири порази на првите четири средби на овој европски шампионат, и тоа без ниту еден освоен сет, ако за првите три дуели со Бугарија, Украина и со Полска можеше да се каже дека поразите се очекувани, тоа апсолутно не беше случај на вчершаната пресметка со Португалија, на која бевме целосно надиграни и заслужено поразени од ривал што важеше за идеален за задржување на шансите за пласман во следната фаза.

Токму тој пораз пресуди денешниот меч да нема преголемо резултатско значење, но во црвено-жолтиот табор посакуваат конечно да одиграат еден натпревар на посакуваното ниво и да покажат дека заслужуваат да бидат дел од овој континентален собир.

Израел го осигура четвртото место во групата и пласманот во следната фаза, па денешната пресметка во Софија ќе биде можност за двете селекции без преголем притисок да покажат што знаат и умеат на теренот.

Дуелот воедно ќе биде и последен натпревар на Јошко Миленкоски како селектор на Македонија, а многу лесно може да се случи и повлекување на дел од најискусните одбојкари во нашиот табор.

Се вчитува...