Веќе е прашање на честа, државата, репрезентацијата!

ЕКИПА во Луцерн, Швајцарија

Владимир Булатовиќ

По седум натпревари без постигнат погодок и без победа во 2026 година, а по три натпревари од својата дебитантска сезона во Б-дивизијата од Лигата на нациите во кои сме со три порази и гол разлика од 0-7, македонската фудбалска репрезентација се доведе во ситуација веќе воопшто да не го става резултатот на еден натпревар како императив кон кој чезнееме… Сега веќе е прашање на чест на самите репрезентативци но и на сите нас, прашање на односот и посветеноста кон националниот дрес, државата, фудбалот и репрезентацијата!

Сега веќе е натпревар за многу повисоки идеали од оние само резултатски. Затоа што, и тоа како во моментов, пред се тие ни се неопходни во преден план вечерва на „Термоплан арената“ во Луцерн против моќната Швајцарија… Веројатно повеќе од било кога досега, како потоа повторно би можеле да зборуваме за резултати.

За сето тоа очигледно и тоа како се свесни и самите репрезентативци, нивните мисли преточани и преку зборовите на еден од најискусните во репрезентативните редови, дефанзивецот Висар Муслиу.

„Мора да признаеме дека минуваме низ еден тежок период. Но, и по мечот со Шкотска истакнав дека репрезентацијата не е зае*анција. Тоа е еден вид самокритика кон сите нас кои сме во репрезентацијата дека мора да го ставиме прстот на чело и да размислиме добро како играме на терен и колку даваме се од себе. Не може да се игра на тој начин кога се игра во репрезентацијата, кога се претставува државата“ – истакна Муслиу, кој не крие дека го болат критиките од јавноста

„Па, видете, и ние сме луѓе, имаме и носиме емоции и нормално кога има многу навреди кон нас нималку не е пријатно чувството. И ние сме свесни дека играме лошо, но токму во тие моменти најмногу ни треба поддршка, затоа што најмногу ние самите сакаме да биде подобро, а навредите мора да имаат граница. Можеби во моментов ни треба поголема поддршка за да стигнеме до подобри резултати во иднина“.

Селекторот Седлоски, пак, и пред мечот со Швајцарците во Луцерн повикува критиките да бидат насочени кон него, а репрезентативците да добијат безрезервна поддршка…

„Да, имаме критики од јавноста и повторно повикувам критиките да одат кон мене а сега е потребна поддршка за играчите… Знам дека критиките во одредена мера се заслужени, но мора да се има трепение кога се работи за промени. А, за играчите, кога играат во националниот дрес знам дек не им треба посебна мотивација. Кога се игра за Македонија секогаш мотивацијата треба да е максимална“ – вели Седлоски.

Натпреварот меѓу Швајцарија и Македонија на „Термоплан арената“ во Луцерн се игра вечерва со почеток од 20:45 часот.

Се вчитува...