Младата репрезентација на Македонија до 18 години забележа победа од 1:0 против Црна Гора на пријателскиот натпревар одигран во Охрид.
Македонија имаше одлична можност да дојде до предност во 21. минута, кога Андреј Цветковски се најде во добра позиција, но неговиот удар заврши покрај стативата.
Во продолжението од натпреварот двете селекции имаа свои моменти, а Македонија до водство стигна во 60. минута. Васко Папалиски погоди за 1:0 со прекрасен волеј удар и го постави конечниот резултат.
Во 65. минута, Цветковски повторно се најде во можност за погодок, но гостинскиот голман одлично интервенираше и спречи зголемување на предноста.
До крајот избраниците на Влатко Колев одиграа дисциплинирано и успеаја да ја сочуваат минималната предност за победа против квалитетна селекција на Црна Гора.
Влатко Колев, селектор на Македонија до 18 години:
„Задоволен сум од победата, особено ако се има предвид против кого игравме. Црна Гора е селекција која во последниот период покажа квалитет и успеа да се пласира на големо натпреварување. Ние во овој натпревар бевме и без неколкумина стандардни фудбалери од оваа генерација, кои во моментов настапуваат за повозрасните репрезентативни селекции. Тоа значи дека дадовме можност на други момци да покажат што знаат и мислам дека добро ја искористија шансата. Бевме дисциплинирани, борбени и во клучните моменти реагиравме добро. Секако, има работи на кои треба да работиме и да ги подобруваме, но ваква победа против силен противник е добар показател и дополнителен мотив за оваа генерација.“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА