Одбојкарско првенство: 10 екипи и скратена програма во новата сезона

Домашниот одбојкарски шампионат ќе почне на 10. октомври. Ждрепката денеска одлучи во првото коло да се сретнат Весна Пробиштип – Јанта Волеј,  Џио Струмица- Лирија, Шкендија – Дибро Волеј, Борец – Уноверзитет Тетово и Штип – Вардар. Предвидено е овој дел од сезоната да заврши на 5. декември.

Првото дерби сезонава ќе биде средбата меѓу Вардар и Универзитет во Тетово во третото, скопските црвено-црни ќе играат со Џио Струмица во седмото, а тетовци ќе ги одмерат силите со струмичани во осмото коло.

Според договорениот систем за натпреварување во првата фаза екипите ќе одиграат девет кола или по еден натпревар со секој противник. Првопласираните четири екипи ќе продолжат во полуфиналето. Ќе вкрстат по системот 1-4,2-3 во полуфиналето каде што победник ќе биде тимот кој прв ќе дојде до две победи. Полуфиналните победници ќе се сретнат во финалето во кое ќе биде добиен шампионот. Тоа ќе биде екипата која прв ќе има три триумфа.

Екипите кои ќе бидат од петтото до 10-то место во втората фаза ќе пренесуваат бодови и ќе разигруваат меѓу себе за конечен пласман.

Пред почетокот на првенството на сите екипи ќе им бидат направени тестови за COVID-19. Според договорениот протокол, ако во една екипа има до тројца позитивни играчи, тие се изолираат и се заменуваат, а тимот продолжува да игра. Во случај на четири или повеќе позитивни, во изолација оди целата екипа.

Во женска конкуренција ждрепката ќе биде извршена следната седмица и девојките ќе почнат седум дена посдоцна од одбојкарите.

 

Се вчитува...