ОДБРОЈУВАМЕ ДО ПЛАСМАН НА ЕП: Игор Ангеловски – личноста која го убеди Пандев, ја врати вербата во репрезентацијата и не донесе на чекор до историјата!

Фудбалска Македонија е пред најголемиот предизвик од своето постоење. Македонскиот репрезентативен фудбал за првпат е пред остварување на сонот – пласман на едно големо фудбалско натпреварување. Момент кој не остава рамнодушен ниту еден вљубеник во фудбалот во земјава. До историскиот натпревар со Грузија преку неколку издвоени анализи, неколку моменти, неколку личности, можности и показатели ќе се обидеме да се убедиме зошто Македонија може и мора до пласман на Европско првенство!

Македонскиот репрезентативен фудбал е пред најголемото достигнување во историјата, сонот на генерации репрезентативци и фудбалски работници кој трае од онаа 1993 година кога за првпат националниот дрес се појави на европските фудбалски терени – настап на Европско првенство!

А, на патот до остварување на соништата чекориме под водство на Игор Ангеловски, личноста која за исклучително краток период откако се впушти во тренерските води, преку сезоната 2013/2014 во која ја освои двојната круна на домашната фудбалска сцена со Работнички, притоа носејќи го за „романтичарите“ и најголемиот успех на меѓународната сцена, успеа да ја освои и целокупната домашна спортска јавност. Па, веројатно не беше тешка одлуката на тогашниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, да го вклучи во работата на националниот тим најпрво како асистент на Љубинко Друловиќ, а кратко потоа и како 13-ти селектор во историјата на македонскиот фудбал.

„Не сум тука да бидам само уште еден селектор кој ќе служи за гола-статистика поврзана со репрезентацијата. Но, тука сум да дојдеме до сонот на секој спортски вљубеник во Македонија, настап на едно големо фудбалско натпреварување. Ова не се зборови само за хартија, туку за реализација“ – ќе рече Ангеловски пред неговото деби на клупата на македонската репрезентација на 12. ноември 2015 година кое го почна со убедлива победа против Црна Гора од 4-1.

И, можеби малку кој веруваше дека, после имиња како Андон Дончевски, Ѓоко Хаџиевски, Драган Канатларовски, Ѓоре Јовановски, Никола Илиевски – Џиџи, Слободан Сантрач, Среќко Катанец, Мирсад Јонуз, Џон Тошак, Чедомир Јаневски, Бошко Ѓуровски, Љубинко Друловиќ…., кои претходно не успеале да бидат ниту блиску до можноста за настап на ЕП со Македонија, токму Мрме ќе биде предводникот на најголемиот успех во историјата. За среќа, веруваа неколкумина – меѓу нив и Горан Пандев!

Цврстата определба да успее во своите намери Ангеловски ја демонстрираше веднаш по селекторското именување, кога среде Италија, успеа да го убеди тогаш веќе ‘откажаниот’ Горан Пандев да се врати во националниот дрес. Пандев се убеди, вербата во репрезентацијата се врати, а се понатака е историја.

Судбината сакаше точно на петгодишнината од своето деби на селекторската клупа, на 12. ноември 2020, Игор Ангеловски да го чека својот најважен натпревар во кариерата. Па, сега во Тбилиси, ќе биде или вечно славеничко паметење, или разочарување за сеќавање.

„Ова е натпревар кој навистина носи посебни емоции бидејќи имаме шанса на фудбалска Македонија да и донесеме пласман на Европско првенство. Сите заедно во репрезентацијата живееме за овој меч, за оваа шанса која ниту сакаме ниту смееме да ја пропуштиме“ – вели денес македонскиот селектор.

А, 44-годишниот Игор Ангеловски и сега веќе е запишан како најуспешниот селектор во историјата на сениорскиот репрезентативен фудбал. Со скор од 18 победи од вкупно 42 натпревари зад себе, и гол разлика од 64-50, е единствениот со позитивен ефект кој го водел националниот тим. Зад неговото име е запишана и единствената квалификациска победа на македонската селекција на гостински терен против подоброрангирана репрезентација – онаа против Израел од 0-1 во Хаифа пред три години… Но, дефинитивно, и за самиот Ангеловски сето тоа е најмалку важно во моментов. Без пласман на ЕУРО, се би било само за статистика. А, како што рече пред пет години, не сака да биде само селектор за статистика!

Се вчитува...