ОДБРОЈУВАМЕ ДО ПЛАСМАН НА ЕП: Кога ќе се каже македонски фудбал во последните 20 години се мисли на Горан Пандев!

ЕКИПА во Тбилиси, Грузија

Владимир Булатовиќ

Фудбалска Македонија е пред најголемиот предизвик од своето постоење. Македонскиот репрезентативен фудбал за првпат е пред остварување на сонот – пласман на едно големо фудбалско натпреварување. Момент кој не остава рамнодушен ниту еден вљубеник во фудбалот во земјава. До историскиот натпревар со Грузија преку неколку издвоени анализи, неколку моменти, неколку личности, можности и показатели ќе се обидеме да се убедиме зошто Македонија може и мора до пласман на Европско првенство!

Реално, малку се фудбалските репрезентативни моменти на кои Македонија може да се сеќава од изминатите 20 години. На прсти се бројат натпреварите кои оставиле трага за нашата фудбалска игра, па затоа онака уште „на прва“ веднаш си спомнуваме за нерешените исходи со Англија во Саутемптон, со Холандија, со Турција, со Италија…, победите над Шкотска, Велс, Израел, па се до освоеното прво место во Лигата на нации од изминатата сезона и актуелниот пат до ЕП. И кога ќе се запрашате што е заедничко за сите тие натпревари и натпреварувања се појавува само едно име – Горан Пандев.

„113 натпревари во повеќе од 19 години носење на овој свет дрес, многу порази, победи, радости, понижувања, многу убави и лоши работи поминав со тебе Македонијо… Остана уште еден чекор до остварување на мојот сон, до остварување на сонот на моите колеги, на мојата фамилија, на цела нација. Во овие тешки времиња да се обединиме сите заедно и да се обидеме сонот да ни стане реалност“ – испрати вчера порака Горан Пандев буквално до секоја индивидуа во Македонија, само како надополнување на она кое од поодамна го обелодени пред македонската јавност:

„Би ги менувал сите клупски трофеи и признанија во мојата кариера само за еден настап на големо натпреварување со Македонија“.

А, интересно, во јуни следната година токму на Европско првенство, како негов најголем фудбалски сон, Пандев би можел да слави 20 години од својот прв репрезентативен настап. Ете, кога Горан дебитирал за Македонија, Елиф, на пример, имал една година. А, уште со тоа негово деби во составот на Ѓоре Јовановски на гостувањето против Турција (3-3) на 6. јуни 2001 година во квалификациите за СП 2002, кога во игра влезе на местото на Беќири, неговото име се врзува и со секој позабележителен резултат на националниот тим.

Нижејќи ги сите најзабележителни резултати на македонскиот фудбал во последните 20 години единствен е заклучокот дека дел од сите тие натпревари бил и Горан Пандев. И на оној славен мегдан со Англија во Саутемптон во ремито од 2-2 на 16. октомври 2002 година, и на дуелот против Марко Ван Бастен и Холандија на 9. октомври 2004 година во Скопје кога учествуваше со гол и асистенција, и во гостинските ремија без голови против Холандија и Англија во Манчестер, и во скопските победи против Шкотска (1-0) и Велс (2-1), па се до триумфот против Израел во Хаифа на 2. септември 2017 година на кој го запиша победничкиот гол и ремито со Италија на 6. октомври 2017 година кога му асистираше на Трајковски за 1-1.

Зад себе го има сега и настапот во Лигата на нациите како предводник на патот до финалето кое утре го очекуваме со Грузија. И, сега е на само еден натпревар да го заокружи 20-годишниот репрезентативен пат на најдобар можен начин – со учество на Европско првенство. Па ако се погледне низ призмата на сите изминати наши резултатски позитивни издвојувања а од кои без исклучок бил дел, тогаш присуството негово во Тбилиси веројатно треба да претставува за Македонија смирувачки показател дека утре ќе успееме. Веруваме!

Се вчитува...