ОДБРОЈУВАМЕ ДО ПЛАСМАН НА ЕП: На крилјата на „златната генерација“ од Полска 2017!

Фудбалска Македонија е пред најголемиот предизвик од своето постоење. Македонскиот репрезентативен фудбал за првпат е пред остварување на сонот – пласман на едно големо фудбалско натпреварување. Момент кој не остава рамнодушен ниту еден вљубеник во фудбалот во земјава. До историскиот натпревар со Грузија преку неколку издвоени анализи, неколку моменти, неколку личности, можности и показатели ќе се обидеме да се убедиме зошто Македонија може и мора до пласман на Европско првенство!

Македонскиот репрезентативен фудбал, во суштина, и знае како е да се биде дел од најдобрите на Стариот континент. Благодарение на „хероите“ на „Сер Боби“ од 2017 година… Јасно е. Желбата, сепак, е тоа да се почувствува со сениорската репрезентација која ја носи вистинската тежина како репрезент во меѓународни рамки. Па, ако нешто ни дава аргумент плус дека можеме до Европско првенство и со А-тимот тоа е фактот дека поголемиот дел од оние „златни момци“ од 2017 година, сега се тука во селекцијата и на Игор Ангеловски.

Дури девет фудбалери кои учествуваа на Европското првенство во 2017 година во Полска сега се во националниот тим за историскиот натпревар против Грузијците во четврток во Тбилиси. Почнувајќи од голманот Дамјан Шишковски, преку дефанзивците Ѓоко Зајков, Дарко Велковски, Висар Муслиу и Егзон Бејтулаи, фудбалерите без кои е незамислив и актуелниот наш среден ред Бобан Николов, Енис Барди и Елиф Елмас, и офанзивецот Тихомир Костадинов. Генерално, поголемиот дел од нив и во моментов се носители на играта на националниот тим.

Ако на тоа се надополнат и потенцијалните репрезентативци Даниел Аврамовски, Мевљан Мурати, Марјан Радески, Давид Бабунски, Кире Маркоски, Давор Здравковски и Никола Ѓорѓев, кои се на поширокиот список на Ангеловски, а кои беа дел од златната генерација во Полска, јасно е на чии крилја летаме кон ЕП.

Повеќе од доволна потврда за тежината на оваа генерација се и зборовите на најдобриот македонски фудбалер на сите времиња, Горан Пандев… Низ 20 години партиципација во репрезентативните редови и тоа како видел и почувствувал генерации и генерации. Па, знае…

„Македонија ја има најдобрата генерација досега во историјата! И цврсто стојам зад оваа моја констатација“ – ќе рече Пандев.

Не така одамна, при нашето враќање од Грузија од септемврискиот натпревар од новата сезона во Лигата на нации, Пандев во неформален разговор ми дофрли: „Штета што не бев десет години помлад па да им помогнам повеќе на терен…, или овие момци да беа пред десет години. Многу порано ќе обезбедевме големо натпреварување“.

Само што, ако се прашаат добар дел од фудбалските познавачи, Горан Пандев и во моментов, со своите изданија и во репрезентативниот дрес и во дресот на Џенова, отворено демонстрира нова фудбалска младост. Па, тој е тука… Овие момци се тука! Никогаш не е касно. Можноста за ЕП е пред нас!

Се вчитува...