Мајкл Карик ќе остане на чело на Манчестер јунајтед и наредната сезона откако поранешниот англиски репрезентативец импресионираше во неколкуте месеци што ги мина на „Олд Трафорд“. Тој потпиша краткорочен договор како привремена замена за Рубен Аморим, но успеа да го извлече Јунајтед од големата резултатска криза, го искачи овој тим до третото место и обезбеди влез во ЛШ, со што ги импресионираше фудбалерите, навивачите, но што е најважно – и клупските директори во Манчестер.
Сопственикот Џим Ратклиф го остави тимот на спортски директори да избере кандидат за тренер за наредната сезона. Во изминатите месеци беа споменувани бројни имиња, од Тухел и Нагелсман, до Еди Хау, Оливер Гласнер… но на крајот беше донесена одлука – оваа одговорна функција да му биде доделена на Карик.
Едногласен е ставот дека поранешниот играч за врска покажал апсолутен квалитет, го извлекол максимумот од екипата и заслужува долгорочна шанса како „шеф“ во Јунајтед.
Тој веќе најави дека е подготвен да остане доколку му биде понудено такво нешто, но Карик јасно ставил до знаење дека ќе биде неопходен буџет за нови засилувања ако се сака Манчестер во иднина да се бори за највисок пласман во Премиер-лигата. Нешто што сигурно ќе му биде исполнето, особено откако обезбеди влез во ЛШ што ќе донесе значителни приходи за клупската каса.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
