Официјално: Алек Јончевски е нов селектор на Македонија

Александар Јончевски од денеска и официјално е новиот селектор на македонската кошаркарска репрезентација. Младиот стратег кој беше еден од помошниците на Драган Бајиќ ќе го наследи Србинот на „жешкото столче“ за престојните претквалификации за Европското првенство 2025.

Јончевски во неколку наврати беше дел од стучниот штаб на репрезентацијата предводена од Марјан Лазовски во квалификациите за ОИ што се одржаа во Венецуела, Марјан Србиновски на Евробаскет 2015 и Јорданчо Давитков во периодот помеѓу 2017 и 2019 година, а ги предводеше „црвено-жолтите“ и на средбите против Грузија во групната фаза од квалификациите за Светкото првенство 2023.

„Дебито“ на четириесетиедногодишникот во „новиот“ мандат на чело на репрезентацијата ќе биде на дуелот против Данска на 25 август во претквалификациите за Евробаскет 2025. Како потсетување, по гостувањето во Данска во првиот „прозорец“ на ФИБА не очекува и домашниот натпревар против селекцијата на Словачка.

Во работата со нашата најдобра селекција на Јончевски ќе му помагаат Никола Василев, актуелен селектор на нашата машка селекција до 20 години, Никола Велев, кој е асистент-тренер во селекцијата до 18 години години, како и Сашо Пецев, кој ќе биде задолжен за кондициската подготовка на нашите најдобри кошаркари во периодот кој следува.

Се вчитува...