Официјално: Данска сама ќе го организира ЕП во ракомет за жени

Долгите разговори и преговори конечно вродија со плод, откако Данската Ракометна Федерација денеска објави дека и официјално ќе биде домаќин на претстојниот европски шампионат за жени, што ќе се одржи од 3 до 20 декември. Данска требаше да биде ко-домаќин заедно со Норвешка, но проблемите настанаа откако Норвежаните буквално во „пет до дванаесет“ ја откажаа организацијата поради неможноста да се вклопат ракометните ковид-препораки со оние на норвешките власти. Норвежаните инсистираа во случај на една заразена ракометарка целата репрезентација да замине во самоизолација (што ќе значеше автоматска дисквалификација на селекцијата), ЕХФ инсистираше здравите ракометарки да продолжат да играат, а откако двете страни не најдоа заеднички јазик Норвешка објави дека нема да биде домаќин на натпреварувањето.

Ситуацијата стана критична бидејќи одлуката беше обелоденета на дваесетина дена до стартот на ЕП, по што беа интензивирани разговорите со Данците за да станат единствена земја-домаќин. За среќа, преговорите вродија со плод, па денеска беше официјално потврдено дека ЕП 2020 ќе се одржи во предвидениот термин.

Минатата седмица донесе огромен предизвик за нас, но флексибилноста на челниците на Данската Ракометна Федерација беше неверојатна. За кратко време успеаја да создадат ново место за играње врвен ракомет што ќе биде апсолутно безбедно за сите. ЕП за жени е идеален проект за промоација на женскиот ракомет во Европа, сега со нетрпение очекуваме да ги видиме најдобрите 16 селекции како се натпреваруваат во Хернинг и во Колдинг“, изјави првиот човек на ЕХФ, Михаел Видерер.

Хернинг ќе биде домаќин на групите А (Данска, Франција, Словенија и Црна Гора) и Б (Русија, Шведска, Шпанија и Чешка). Исто така, во овој град ќе се одржи и финалниот викенд од шампионатот.

Колдинг ќе биде домаќин на групите Ц (Холандија, Унгарија, Србија и Хрватска) и Д (Романија, Норвешка, Германија и Полска), кои првично беа предвидени да се играат во Трондхајм, Норвешка.

Се вчитува...