Официјално: Елмас против Интер за нов почеток на италијанскиот фудбал

Денешниот состанок меѓу претставниците на Калчо-лигата, Италијанската Фудбалска Федерација и Министерот за спорт, Винченцо Спадафора, го даде посакуваниот исход откако властите конечно дадоа зелено светло за продолжение на фудбалската сезона на Апенинскиот полуостров.

Елиф Елмас и Наполи ќе имаат можност да ја отворат фудбалската сезона на 13 јуни, кога „наполитанците“ ќе го играат реваншот од полуфиналето во Купот на Италија против Интер. Елмас и соиграчите имаат предност од 1-0 од првиот натпревар и со позитивен резултат на домашен терен би се пласирале во големото финале, што би било значаен успех со оглед на слабите игри во Серија А. Во второто полуфинале ќе се сретнат Јувентус и Милан, откако првиот дуел на овие два тима заврши 1-1.

За седмица подоцна, на 20 јуни, е закажано продолжението на сезоната во Калчо-лигата, во која Јувентус на 12 кола до крајот има само еден бод предност во однос на второпласираниот Лацио.

„Ова беше многу корисен состанок. Јас отсекогаш велев дека фудбалот ќе продолжи штом ќе се создадат услови и ќе може да се обезбеди безбедност за актерите на теренот. Денеска беа прифатени сите протоколи, Италија како држава застанува на нозе и фудбалот го прави истото“, изјави Министерот Спадафора.

Се вчитува...