Официјално: Лајпциг го донесе „бисерот“ што го бараше половина Европа

Од денеска е и официјално, бундеслигашот Лајпциг е клубот што ја доби трката по Доминик Шобошлаи, унгарскиот фудбалски „бисер“ за кого се интересираа врвните клубови од цела Европа. Реал Мадрид, Баерн Минхен, Јувентус, Манчестер Јунајтед… беа само дел од тимовите што покажаа интерес за 20-годишниот ас на Салцбург, испраќајќи понуда за да го доведат во своите редови.

На крајот, сепак пресудија блисните односи на управите на Лајпциг и на Салцбург, два клуба на кои главен спонзор им е „Ред Бул“ , при што беше договорено унгарскиот суперталент кариерата да ја продолжи меѓу „биковите“ во Бундес-лигата. Лајпциг ќе плати 20 милиони евра на Салцбург, активирајќи ја клаузулата што Шобошлаи ја имаше во договорот со австрискиот шампион.

Станува збор за исклучително талентиран плејмејкер кој може да настапува на сите позиции во средниот ред на своите тимови и во репрезентацијата. Сезонава тој настапи на 20 средби за Салцбург, постигнувајќи осум гола и десет асистенции.

Шобошлаи ќе го носи дресот со број 17 во новиот клуб, а се очекува дебито за Лајпциг да го има на дербито со Борусија Дортмунд закажано за 9 јануари.

Се вчитува...