ОФИЦИЈАЛНО: Вимблдон кажа „стоп“ за тенисерите од Русија и Белорусија

На тенисерите од Русија и Белорусија нема да им биде дозволен настап на годинашното издание на Вимблдон, потврдија денеска организаторите на третиот гранд-слем турнир во сезоната.

На овие тенисери нема да им биде дозволен настап на неофицијалното светско првенство во тенис, поради инвазијата на Русија на Украина. Со тоа Вимблдон ќе стане првиот тениски турнир кој ќе ги суспендира тенисерите од овие две земји, откако претходно им беше дозволено да настапуваат на сите турнири на АТП и ВТА турнејата, но без националните обележја.

„Во име на клубот Ол Ингланд и организацијата на натпреварувањето, сакаме да им изразиме силна поддршка на погодените од конфликтите во Украина во овие тешки моменти. Ги осудуваме незаконските дејствија на Русија и многу внимателно го разгледавме влијанието на оваа ситуација во контекст на обврските кон играчите, јавноста и спортот. Ги зедовме предвид и препораките на Владата на Обединетото Кралство. Наша должност е, во согласност со нашите можности, да придонесеме во напорите на Владата, индустријата и спортот за ограничување на глобалното влијание на Русија на најсилен можен начин. Имајќи го сето тоа предвид, со длабоко жалење донесовме одлука да не дозволиме руски и белоруски спортисти да настапат на Вимблдон 2022 година“, се наведува во соопштението на Вимблдон.

Исто така овие две земји беа дисквалификувани од Дејвис купот и женскиот Били Џ. Кинг куп.

Годинашното издание на Вимблдон почнува на 27. јуни.

Се вчитува...