Официјално: Зомер три години на голот на Интер

Интер конечно ја заврши потрагата по нов голман по заминувањето на Андре Онана, откако денеска го комплетираше трансферот на Јан Зомер, швајцарскиот репрезентативец кој доаѓа од редовите на Баерн Минхен.

Баварскиот гигант одолговлекуваше во преговорите чекајќи Нојер да е поблиску до камбек по тешката повреда, но челниците на Баерн на крајот беа принудени да ја прифатат понудата од шест милиони евра и да дадат зелено светло за заминување на Швајцарецот, кој дојде во јануари токму по повредата на Нојер по СП во Катар.

Тој денеска ги мина лекарските прегледи, по што потпиша тригодишен договор со „нероаѕурите“ и беше официјално претставен како најново засилување на актуелниот европски вицешампион.

Интер е во потрага и по втор голман бидејќи покрај Онана од клубот си замина и ветеранот Самир Ханданович. Почнати се преговорите со Сампдорија за Аудеро, при што Интер нуди пари, плус на позајмица да го испрати младиот голман Филип Станковиќ, син на екс-играчот на Интер, Дејан Станковиќ.

Се вчитува...