ОФМ го разреши Матијашевиќ – Душко Николиќ нов селектор на одбојкарите

Одбојкарската федерација на Македонија донесе одлука за раскинување на договорот на Никола Матијашевиќ. Неговото место ќе го презеде Душко Николиќ кој ќе ја води Македонија на Европското првенство во Тампере, Финска кое ќе се игра во септември годинава.

„Извршниот одбор на Одбојкарската федерација на Македонија донесе одлука да ги промени селекторите на машката сениорска и на женската репрезентација за одбојкарки до 19 години. По анализата на настапите и на резултатите во Европската сребрена лига 2021, во којашто македонскиот национален тим не успеа да го освои златниот медал иако финалето го играше на домашен терен, челниците на ОФМ ја прекинаа соработката со Никола Матијашевиќ и решија да му го доверат кормилото на репрезентацијата на неговиот досегашен асистент Душко Николиќ. Извршниот одбор на ОФМ го констатираше придонесот на Матијашевиќ во остварувањето на досегашните цели, но исто така ја истакна потребата од промена пред учеството на Европското првенство во септември во Тампере. Назначувањето на Николиќ ќе значи постојаност во работата на репрезентацијата, но од друга страна ќе овозможи и нов пристап во подготовките за нашето второ учество на континенталните самити. Промена има и кај јуниорките коишто се подготвуваат за Европското првенство наредната година кај нас. Извршниот одбор на ОФМ го разреши српскиот стратег Ненад Михајловиќ, кој го почна процесот на формирање на репрезентацијата за одбојкарки до 19 години, но немаше соодветни резултати на неколку подготвителни турнири. За наследникот на Михајловиќ Извршниот одбор ќе решава дополнително“, стои во соопштението од ОФМ. 

Се вчитува...