Охрид добива „Олимписки пливачки маратон“ на 10 километри

Охрид ќе добиe пливачки маратон на 10 километри, кој од 2004 година е помеѓу натпреварувачките дисциплини на Летните Олимписки игри, пренесува „Охридњус“.

Како што пренесува порталот, подготовките за премиерното издание на маратонот кој ќе се одржи на 12. август од 12 часот, под капата на Светската пливачка федерација (ФИНА), се во полн ек.

„Градот Охрид и Република Македонија за прв пат во историјата ќе имаат прилика да организираат пливачки маратон на 10 километри, кој е олимписка дисциплина. Ние како охриѓани треба да бидиме почестени, но малку и жалам бидејќи ова можеше да се случи многу, многу порано, затоа штои од 2004 трката на 10 километри е олимписка дисциплина. Сега кога се официјализираше организацијата на маратонот сакам да им се заблагодарам на луѓето од Светската пливачка федерација (ФИНА) со кои отворено разговаравме околу сите детали и на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК), кој логистички ќе не подржува максимално“ вели за „Охридњус“ Александар Маленко, кој е иницијатор и дел од организацијата на олимпискиот маратон во Охрид.

malenko pres

Трката ќе биде кружна и ќе се одржи покрај кејот на Охридското езеро на потегот од старото пристаниште до каналот Студенчишта. Еден круг ќе биде еден километар, а пливачите ќе треба да испливаат вкупно 10 кругови.

„Маратонот кој го организираме оваа година ако помине со позитивна оценка од Светската пливачка федерација (ФИНА), од следната ќе влезе во квалификациони маратони за Олимписките игри и на програмата ќе биде на почетокот од месец јули после маратонот во Сетубал, Португалија. Доколку, пак, добиеме во наредните три години позитивни оценки тогаш за Олимпијадата во Токио 2020 година на охридскиот маратон на 10 километри ќе учествуваат 250 пливачи бидејќи таа трка практично ќе претставува последна можност за квалификација на олимпијадата“ – истакнува Маленко, дополнувајќи дека овој маратон нема да му парира на традиционалниот Охридски пливачки маратон кој се плива од Свети Наум до Охрид.

За годинашниот Олимписки пливачки маратон обезбеден е и вкупен награден фонд од 3.000 евра.

Се вчитува...