Охрид го растури Радовиш, стружани славеа во Струмица

Охрид со супериорен настап го продолжи шампионатот во Супер-лигата, откако избраниците на Раде Стојановиќ вечерва го демолираа Радовиш со убедливи 32-11. Гранитната одбрана на домашниот состав им создаде огромни проблеми на гостинските ракометари, по што убедливиот пораз беше неизбежен.

Мечот беше решен уште во првите петнаесетина минути, кога по водството од 4-2 тимот на Охрид постигна дури девет гола во низа, стигнувајќи до двоцифрена предност што ја зголемуваше до самиот крај. Андоноски и Блажевски беа најефикасни со по пет погодоци, но за одбележување е дека 12 различни ракометари на Охрид се запишаа меѓу стрелците на овој натпревар. Кај радовишани, кои само со десет ракометари допатуваа на ова гостување, најефикасни беа Ристов и Ѓорѓиев со по три погодоци.

Многу понеизвесно беше во Струмица, каде екипата на Струга како гостин го совлада Астраион со резултат 28-30. На домашниот состав не му помогнаа ниту тринасетте погодоци на искусниот Караиванов, а најефикасни во победничкиот тим беа Николиќ и Рајатовски со по осум гола.

Се вчитува...