Охрид освоен, Блокотехна им се врати на победите

Блокотехна им се врати на победите во кошаркарскиот шампионат, триумфирајќи на гостувањето во Охрид со резултат 63-72. Оставајќи ги зад себе поразите од МЗТ во Купот на Македонија и од Работнички во Првата лига, тимот на Марјан Илиевски одигра онолку колку што му беше доволно за да стигне до цел плен во Охрид. Иако на моменти премногу грешеа во нападот, кошаркарите на Блокотехна беа доволно искусни за да не дозволат изненадување во самата завршница, па заслужено стигнаа до својата 15. победа на домашната сцена сезонава.

И двата тима го почнаа натпреварот со слаба игра во нападот, со загубени топки и промашени шутеви. По четири минути игра резултатот беше израмнет, 8-8, за потоа гостите од Гевгелија да ја преземат контролата, во подобар ритам да ја завршат четвртината и стартните десет минути да ги завршат со предност од 10-19. Предводени од Мијатовиќ и од Главчев избраниците на Марјан Илиевски фуриозно го почнаа и вториот период, па набрзина поведоа со 12-24, постигнувајќи двојно повеќе поени од противникот. Блокотехна имаше и убедливи 14-31 по поените на Ѓуроски, но следеше голем пад во играта на гостите, охриѓани заиграа многу подобро во нападот и со серија од 12 поени го натераа Илиевски на тајмаут. Смит ја прекина серијата на Охрид, потоа од линијата за слободни фрлања прецизен беше Главчев, па на одмор се замина со предност на гостинскиот тим од 30-36.

Охриѓани намалија на 35-38 на самиот старт од второто полувреме, резултат при кој не искористија два напади во кој можеа и да израмнат. Хенри неколку минути подоцна намали на 41-43, но Мијатовиќ погоди тројка во клучен момент за да ги запре налетите на Охрид. Во следниот напад Мијатовиќ реализираше и од рекетот, па домашниот тренер побара тајмаут при резултат 41-48. Стојан Ѓуроски погоди тројка за нова двоцифрена предност на Блокотехна (43-54), пред Зафиров да погоди тројка за 46-54 на крајот од третата четвртина.

Гостите играа многу слабо на стартот од последниот период, постигнаа само два поени во првите четири минути. При резултат 54-58 домаќините се соочија со проблем откако Глигоријевиќ ја доби петтата лична грешка, и тоа при обид за тројка на Мијатовиќ. Охриѓани немаа сили за целосен камбек, а Блокотехна искусно го приврши мечот, триумфирајќи со конечни 63-72

Данило Мијатовиќ со 26 поени беше клучна фигура на оваа средба, Бенџамин постигна 15 поени, а добар меч одигра и Горан Главчев, реализирајќи 14 поени, 7 скока и 5 асистенции. Најдобри поединци кај Охрид беа Глигоријевиќ со 16 и Хенри со 13 поени.

Се вчитува...