Охрид против Вардар, битка за првиот трофеј во мак-ракометот

Охрид и Вардар денеска во 19 часот ќе излезат на мегдан на теренот во Гевгелија во борба за првиот пехар во новата натпреварувачка сезона, оној од супер-купот на Македонија.

Вардар лани ја освои двојната круна, но охриѓани како куп-финалисти се здобија со правото денеска да го предизвикаат големиот ривал во обид да стигнат и до првиот домашен трофеј во клупската историја, откако минатата сезона го кренаа првиот европски трофеј, оној од ЕХФ Купот на Европа.

„Сино-белите“ дополнително се засилија летово, делуваа одлично во подготвителниот период и на стартот од регионалната лига, за што најдобар доказ се и двете победи над Вардар изминатиот месец, во финалињата од турнирите во Струга и во Охрид.

„Пред нас е интензивен и тежок натпревар. Ќе мора да внимаваме да имаме што помалку грешки во 60 минути ако сакаме резултат во наша корист, изјави ракометарот на ГРК Охрид, Адама Кеита во пресрет на денешниот дуел.

Вардар е најтрофејниот клуб во ова натпреварување со четири пехари во супер-купот, а фактот дека имаат два порази во низа во Охрид е само мотив плус за шампионот да се покаже во најдобро можно светло и со зголемена самодоверба да ја стартува новата сезона.

Чупиќ тактизираше со составот на финалето во Охрид, но се очекува „црвено-црните“ овојпат да тргнат со сите сили по победата на оваа дерби-пресметка, која воедно ќе биде и добар тест пред отворањето на сезоната во Лигата на Шампионите.

Се вчитува...