Охридски „ѕид“ за Пролет

Охрид остана со стопроцентен ефект во групата од Супер-лигата откако тимот на Раде Стојановиќ славеше на гостувањето против Пролет со резултат 18-22. Клучен фактор беше извонредната игра во одбрана на охриѓани во второто полувреме, кога предводени од голманот Брауновиќ ги затворија приодите до мрежата, направија резултатски пресврт и стигнаа до победата.

Охрид поведе во раната фаза од мечот со 0-3, но домаќините експресно одговорија со своја мини-серија и израмнување на 3-3. Пролет првото водство го имаше со 6-5, а потоа благодарение на Палевски домаќините заминаа на одмор со предност од 12-10. Во првото полувреме црвен картон заработи првиот голман Даниловски, но се покажа дека тоа е среќен момент за гостите бидејќи неговата замена Брауновиќ го реши натпреварот.

Тој бранеше извонредно во вториот дел, примајќи само два гола во првите 20 минути од полувремето. Сепак, и одбраната на Пролет беше на ниво, па резултатот на десетина минути до крајот гласеше 14-14. Палевски погоди од контранапад за водство на Пролет од 15-14, но веднаш потоа во серија голови влегоа охриѓани, кои стигнаа до солидна предност на крајот заслужено се радуваа на триумф.

Кривокапиќ со осум и Тот со седум погодоци беа најефикасни во победничкиот тим, додека прв стрелец на Пролет беше Палевски со шест погодоци.

Се вчитува...