Олимпискиот дух умира поради „рускиот допинг“!

Додека се уште се чека конечната одлука на ИОК и на Судот за спортска арбитража околу настапот на руските спортисти на Зимските олимписки игри во Пјонгчанк, не стивнуваат реакциите од другите олимпијци. Двојната светска шампионка во скелетон, Кејти Јулендер, упати остри критики, но и предупредување до ИОК дека не смеат да дозволат допингот да го уништи олимпизмот.

Имам чувство дека умира олимпискиот дух што сите го негуваме“ – изјави 30-годишната олимпијка од Колорадо.

Јулендер на претходните Олимписки игри во Сочи за 0,04 секунди не стигна до олимписки медал, зад третопласираната Елена Никитина од Русија, на која подоцна и беше одземена „бронзата“ заради кршење на антидопинг правилата. Сепак, Судот за спортска арбитража во Лозана, ја оспори супнзијата на Никитина, и Јулендер одново остана без медалот од Сочи.

„Во почетокот ИОК направи голем и силен чекор со суспензијата на Русија и одземањето на тие медали и тоа на спортистите кои држат до чистиот спорт им даде надеж и го зајакна олимпискиот дух. Но, кога ЦАС одлучи да ја укине таа одлука, се случи спротивното. Мислам дека сите треба да се свртиме кон Меѓународниот олимписки комитет за да се направат силни реформи и чекори да ни се врати тој дух“ – истакнува Јулендер.

Нејзината ривалка Никитина, моментно е исто така во Пјонгчанг и ја чека одлуката дали ќе може да настапи или не. ЦАС ја одлага конечната одлука, а Американката ги предупредува сите водечки организации дека доколку не најдат начин да го доведат во ред антидопинг системот, тоа ќе предизвика сериозни последици по олимпизмот и по спортот воопшто.

„Сите спортисти, меѓу кои сум и јас, чекаме МОК да воведе построги мерки и сите да бидат тестирани. Бројот на тестови не треба да се зголемува само на натпреварувањата бидејќи сите знаеме кога се тие. Тестирањата надвор од натпреварувањата се најважни. Зошто 10 најдобри спортисти да не бидат тестирани од независно тело? – прашува американската олимпијка.

Зимските олимписки игри во Пјонгчанг ќе се одржат од утре до 25 февруари.

Се вчитува...