Михаел Олис летово демонстираше лојалност кон Баерн Минхен прифаќајќи да остане во клубот и покрај офанзивата што во текот на мундијалот ја стартуваше Реал Мадрид.
Баварците не кријат дека сакаат да ја наградата неговата лојалност со нов долгогодишен договор, со кој ексфудбалерот на Кристал Палас би добил и огромно зголемување на платата. Понудата е на маса, Французинот би се приклучил на листата најплатени фудбалери на баварскиот гигант, но планот на Баерн е тој договор да биде со важност до 2032 година.
Олис е подготвен да потпише, но под еден услов – во новиот договор да има откупна клаузула која би му овозможила за неколку години да ги смени клупските бои доколку друг европски гигант загризе за неговите услуги.
Клаузулата секако би била висока, се шпекулира со сума од над 150 милиони евра што би му овозможила на Баерн значителна заработка доколку Французинот еден ден реши да си замине.
Останува да се види реакцијата на управата на баварскиот гигант, која има време за тактизирање ако се знае дека актуелниот договор на Олис е со важност до јули 2029 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
