Омразен лик во Лондон – Џастин Гетлин требаше да добие доживотна суспензија, а не да трча на СП!

Во извонредната атмосфера на Олимпискиот стадион во Лондон, Американецот Џастин Гетлин дефинитивно не е омилен лик. 35-годишниот американски спринтер кој два пати претходно беше суспендиран поради употреба на допинг, беше дочекан со повици од трибинките „ Гатлин, ти си лажго за дрога“.

Настапот на Американецот на СП беше осуден и од поранешната британска натпреварувачка на долги патеки, Џо Павеј, која јавно посочи дека Гетлин треба да добие доживотна суспензија, а не да му се дозволи да се бори за медал на Светско првенство.

„Нема тука што да се размислува дали да му се свирка или не бидејќи тој воопшто не би требало да биде на патеката. Моето мислење е – тој што лажел во спортот, заслужува доживотна суспензија. Такви како него им одземаа медали, сјајни настапи и тимски успеси на спортистите кои се „чисти“, на оние кои деноноќно вредно работеле и тренирале. Луѓето како него го уништуваа нашиот спорт, а навредите од трибините се само дел од неговата казна која ја заслужува“ – рече Павеј на гостувањето на радио Би-би-си.

Американскиот спринтер во 2001 и во 2006 година беше суспендиран поради допинг, а при вториот позитивен допинг тест ја избегна доживотната суспензија од атлетиката во замена за соработка со Комисијата за антидопинг. Набрзо после тоа, Гетлин се жалеше на осумгодишната забрана за настап и во декември 2007 година, таа му беше преполовена, но му беше избришан резултатот од 9,77 на 100 метри.

Освојувачот на злато на ОИ 2004 во Атина и на уште четири олимписки медали, го почна својот настап на СП во Лондон во квалификациите на 100 метри и оствари шесто време.

Се вчитува...