Операција продажба: Реал „лапна“ 111 милиони евра од „непотребни“ фудбалери

Флорентино Перез уште пред повеќе од еден месец најави дека Реал Мадрид нема да биде активен во потрагата по нови фудбалски „суперѕвезди“ како одраз на кризата од коронавирусот што значително ги намали приходите на најтрофејниот европски клуб. Наместо тоа, „кралевите“ се решија да ги задржат сите фудбалери кои со години наназад се стартери, но и да расчистат со играчите кои се млади и талентирани, но на чии услуги тренерот Зидан не сметаше во минатото, ниту пак имаше намера да смета во текот на оваа сезона.

Ова се покажа како вистински потег, бидејќи Флорентино Перез успеа да собере дури 111 милиони евра, воедно и да го намали буџетот за плати во тимот, пари што сигурно ќе бидат добредојдени во овие услови на криза.

Распродажбата почна уште во јуни, кога Хави Санчез беше продаден во Валјадолид за три милиони евра. Во јули во пакет беа продадени Де Фрутос и Дани Гомез во Леванте за вкупно 7,5 милиони евра, а беше дадено зелено светло и за заминувањето на Ашраф Хакими во Интер, најскапа продажба на Реал летово за почетни 40 милиони евра.

Оскар беше продаден во Севилја во месец август за 13,5 милиони евра, додека Баеза се пресели во Селта за 2,5 милиони евра. Згора на тоа, Вилјареал плати два милиони евра за позајмицата на Јапонецот Кубо. Од клубот на позајмица си заминаа и Бразилецот Реиние (во Борусија Дортмунд) и Валјехо (во Гранада).

Левиот бек Регуилон не беше сериозна опција за Зидан крај Марсело и Менди, па екс-фудбалерот на Севилја беше продаден во Тотенхем за 30 милиони евра. Арсенал плати пет милиони евра за позајмицата на Себалјос, Рома издвои два милиони евра за да го позајми Борха Мајорал, додека младиот напаѓач Соро беше продаден во Гранада за 2,5 милиони евра. Буџетот за плати значително се намали со заминувањата на Бејл и на Хамес Родригез, на позајмица отиде и Брахим Диаз (во Милан), па слободно може да се каже дека „кралевите“ одлично го одиграа овој преоден рок кога станува збор за продажбите.

Се вчитува...